Поглавје 11: Земјоделство и рурален развој

Целите на заедничката земјоделска политика (ЗЗП) се состојат од обезбедување стабилно снабдување на ЕУ со храна, односно земјоделски производи, сигурност во примањата на земјоделците, рурален развој и унапредување на земјоделското производство во согласност со принципите за заштита на животната средина. Историски гледано ЗЗП е една од најконтроверзните и најскапите политики на ЕУ, којашто поминала најголем број на трансформации во обид да се постигне поголема вредност за вложените средства. Во 1985 година ЗЗП чинела 72% од буџетот на ЕУ, а денес чини околу 40%, но вработува само 5% од работната сила. Иако во меѓувреме се спроведени повеќе реформи за одвојување на обемот на производството од субвенциите, воведување низа еколошки критериуми, таргетирање на млади фармери и мали фарми, добросостојба и здравје на животните итн, сепак продолжува дебатата во врска со иднината на ЗЗП која е критикувана и од СТО како протекционизам и обид на ЕУ да го заштити своето земјоделство од меѓународна конкуренција.

Над 70% од буџетот на ЗЗП годишно се одвојува за директни плаќања кон земјоделците, над 20% за рурален развој, а под 10% останува за пазарни мерки. Според принципот на супсидијарност[1], надлежноста за прием на апликации, исплата и контрола ја имаат државите членки и за таа цел се користи Интегрираниот административен и контролен систем (ИАКС) кој дополнително овозможува следење преку геопросторно локализирање, сателитски снимки и други напредни алатки. Се воведува принципот на вкрстена усогласеност (cross-compliance) кој ги обврзува земјоделците да ги исполнат нивните обврски од европското аки за да добијат парична помош, како на пример стандардите за добра земјоделска и еколошка обработка на земјата (Good Agricultural and Environmental Conditions – GAEC), одредбите за зачувување на биодиверзитетот, за пестициди, нитрати, хормони, животински болести, итн[2]. Во случај на непочитување на обврските предвидени се казни и намалување на помошта за 15-100%, во зависност од сериозноста на прекршокот.

Исплатите се вршат преку националните платежни агенции преку две европски програми: Европскиот земјоделски гарантен фонд за директните плаќања и пазарните мерки и Европскиот фонд за земјоделство и рурален развој за мерките поврзани со рурален развој. Се применува правилото Н+3, што значи дека државата членка има 3 години од календарската година да ги додели средствата на крајниот корисник, во спротивно се губат односно се враќаат во буџетот на ЕУ. Имајќи предвид дека РС Македонија која во моментов ги користи ИПА средствата за земјоделство и рурален развој (ИПАРД) се соочува со тие предизвици, иако сумите кои ги имаме на располагање се значително помали од оние кои би ги имале по членството, зголемување на апсорпцијата на средствата ќе биде еден од клучните предизвици во текот на преговорите.

Државите членки имаат право да доделуваат државна помош за различни активности во земјоделството и шумарството, како што се инвестиции во производство, управување со ризици, повисок степен на заштита на животната средина и биодиверзитетот, техничка помош и промоција, сè додека тоа е во согласност со правилата утврдени на ниво на ЕУ и не предизвикува нарушување на внатрешниот пазар. Посебна категорија е тутунот за којшто целокупната поддршка од ЕУ завршува до 2020 година. Во тој контекст, усогласувањето на правилата според кои се доделува македонската програма за поддршка за земјоделството ќе биде уште еден предизвик во текот на преговорите.

Пазарот на земјоделски производи и преработки е исто така уреден за да се спречи нарушување на цените на европските производители, иако се одобруваат шеми за преференцијален увоз на производи од трети земји (во кои спаѓа и РС Македонија преку ССА), во рамки на определени квоти (види поглавје 30). Се воведуваат специфични стандарди за конкретни производи, како млеко и млечни производи, различни видови месо, јајца, мед, вино, алкохолни пијалоци, маслиново масло итн. чиј увоз и извоз е исто така уреден преку комбинираната царинска номенклатура и разни царински инструменти (види поглавје 29). Европската извршна агенција за потрошувачи, здравје, земјоделство и храна става на располагање средства за промоција на европските прехранбени производи во и надвор од ЕУ во износ од околу 200 милиони евра годишно и работи на подготовка на маркетинг и промотивни кампањи. Освен тоа, ЕУ обезбедува околу 250 милиони евра годишно за програмата за снабдување на училиштата со свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи.

Надлежна институција во ЕУ е Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој (DG AGRI), а определена надлежност во однос на надворешно-трговските аспекти и квотите има и Генералниот директорат за царина и даноци (DG TAXUD).  Од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Поглавјето се состои од следните подрачја:

  • Хоризонтални прашања;
  • Заедничко уредување на пазарите;
  • Рурален развој;
  • Органско земјоделство;
  • Политика за квалитет.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Директни плаќања, Регулатива (ЕУ) 1307/2013
Уредување на заедничкиот пазар, Регулатива (ЕУ) 1307/2013
Рурален развој, Регулатива (ЕУ) 1305/2013
Финансиски менаџмент, Регулатива (ЕУ) 1306/2013
Државна помош – исклучоци, Регулатива (ЕУ) 702/2014
De minimis помош, Регулативи (ЕУ) 1407/2013 и 1408/2013
Мрежа на сметководствени податоци за фармите, Регулатива (ЕЗ) 1217/2009 и (ЕУ) 1318/2013
Алкохолни пијалоци, (EУ) 2019/787
Органско производство, 834/2007 и 2018/848 (во сила од 2021)
Директиви за „производи за појадок“: 2001/112/EЗ, 2001/113/EЗ, 2000/36/EЗ, 1999/4/EЗ
Шеќер, Директива 2001/111/EЗ
Закон за земјоделство и рурален развој
Закон за квалитетот на земјоделските производи
Закон за ветеринарно здравство
Закон за тутун и тутунски производи
Закон за виното
Закон за земјоделски задруги
Закон за органско земјоделско производство
Национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020
Програма за финансиска поддршка на руралниот развој
Уредба за поблиски критериуми за директни плаќања, корисници на средствата, максимални износи и начин на директни плаќања  

РС Македонија има акредитирана платежна агенција и го има воведено ИАКС и останатите информатички системи кои се предуслов за користење на европските средства во земјоделството. Натамошното усогласување со европското аки ќе значи реосмислување на некои аспекти на земјоделската политика, особено во однос на финансиската поддршка, за што веројатно ќе се потребни и преодни периоди со цел да се намали товарот врз земјоделските производители од некои гранки. Но, од аспект на потрошувачите, усогласувањето ќе значи поголема контрола на квалитетот на земјоделските производи, а од аспект на извозот на земјоделски производи ќе значи непречен пристап до пазар од 500 милиони потрошувачи.


[1] Повеќе информации за принципот на супсидијарност на следниот линк https://www.europarl.europa.eu/factsheets/en/sheet/7/the-principle-of-subsidiarity

[2] Вкупно 13 конкретни директиви и регулативи на кои државите членки може да додадат дополнителни барања.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top