Поглавје 10: Информатичко општество и медиуми

Поглавје 10 ги уредува прашањата поврзани со електронските комуникации, информатичкото општество и аудиовизуелните услуги. Целта на европското аки во оваа област е да обезбеди поголема функционалност на пазарот на телекомуникациски услуги преку создавање услови за влез и конкуренција на повеќе оператори, да поттикне нови инвестиции во секторот, да ја зајакне независноста на регулаторните тела, да го подобри квалитетот на услугите и нивната достапност за сите граѓани итн. Еден од тековните предизвици за РС Македонија во овој аспект е воспоставувањето на единствениот број за бесплатни повици во итни случаи 112.

Тука спаѓа и спроведувањето на приоритетите во рамки на дигиталната агенда на ЕУ и дигиталната агенда за Западен Балкан како дел од неа, во кои се вбројува проширување на опфатот на широкопојасен интернет, намалување на цените и зголемување на достапноста на дигиталните услуги во различни области, развој на интероперабилноста преку воведување еднакви технички стандарди итн. Се воведуваат правила за е-трговија, рамка за координација и модернизација на услугите достапни преку е-влада, заемно признавање на електронската идентификација (е-потпис), пристап до дигитални услуги, податоци за пациентите и истражувања преку е-здравство, можности задигитализација на културното наследство итн. Се воспоставува програмата Дигитална Европа за финансиска поддршка на активностите со буџет од 9.2 милијарди евра за периодот 2014-2020 година.

Покрај тоа, се формира Европскиот портал на отворени податоци од јавниот сектор со над еден милион сетови од 34 земји на 25 јазици, во којшто РС Македонија иако има можност во моментов не учествува, како и портал за дигитализација на внатрешниот пазар (Single Digital Gateway) кој ќе стане целосно функционален во 2021 и нуди можност за европските граѓани и компании да се информираат и комплетно електронски да завршат дел од административните процедури.

Освен тоа, во ова поглавје се следат состојбите во аудиовизуелните медиуми кога станува збор за отворање на пазарот и формирање на единствен, заеднички пазар на ниво на ЕУ, фукнкционирање на регулаторните тела, поттикнување на културната разновидност и промовирање на содржини од европска продукција, политики за заштита на публиката, пред сè малолетната, подигнување на квалитетот на известувањето итн. Поглавје 10 се надоврзува на прописите за заштита на интелектуалната сопственост од поглавје 8 и воведува резерви, односно исклучоци за ЕУ од правилата преземени во рамки на договорите за услуги на СТО, со цел државите членки да може да го заштитат својот медиумски простор и културна разновидност во определени случаи.

Се воспоставува потпрограмата Медиа како дел од програмата Креативна Европа со буџет од 820 милиони евра за периодот 2014-2020 и планиран буџет од 1,08 милијарди евра за периодот 2021-2027 година. Целта на Медиа е да ја поттикне  креативноста на европската аудивизуелна индустрија и да ја промовира европската културна разновидност преку поддршка за развој, дистрибуција и пристап до аудиовизуелни дела. Во рамки на конкретните активности се поддржува европската филмска индустрија и меѓународната ко-продукција, користењето на нови технологии, видео игри и онлајн дистрибуција. Предуслов за учество во програмата е усогласување со претходната Директива за аудиовизуелни услуги 2010/13/EУ и плаќање на влезен билет, што РС Македонија веќе има направено.

Надлежна институција за ова поглавје е Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржина и технологија (DG CNECT), иако и другите директорати се вклучени во управување на порталите и активностите кои тематски ги покриваат. Носител на поглавјето од македонска страна е Министерството за информатичко општество и администрација. Поглавјето ги вклучува следните подрачја:

  • Електронски комуникации и информатички технологии;
  • Услуги на информатичко општество;
  • Аудиовизуелна политика.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Електронски комуникации, Директиви 2009/140/ЕЗ и 2009/136/EЗ, како и постарите директиви кои се изменуваат со нив.
Е-трговија, Директиви 2000/31/ЕЗ, 2019/1150 и 2018/302
Аудиовизуелни медиумски услуги, Директива 2018/1808/ ЕУ
Отворени податоци, Директива 2019/1024/ЕУ (во сила од 2021)
Пристапност на интернет сајтови и веб апликации на јавни тела, Директива 2006/2102/ЕЗ
Сајбербезбедност, Директивата 2016/1148 Електронска идентификација, Регулатива (ЕУ) 910/2014
Закон за електронски комуникации
Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Закон за медиуми
Закон за основање на Jавното претпријатие Македонска радиодифузија
Закон за електронски документи,
електронска идентификација и доверливи услуги
Закон за електронско управување и електронски услуги
Национална ИКТ стратегија
Национална стратегија за Е- Влада Стратегија за сајбер-безбедност
Стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за 2018 – 2022  

Ова поглавје обезбедува директни придобивки од кои дел македонските граѓани веќе ги чувствуваат во вид на поквалитетни и подостапни електронски услуги, значително намалување на цените на роаминг услугите во регионот, до нивно целосно укинување (изедначување со цените дома, што по членството ќе биде случај и со сите ЕУ земји), подобра покриеност со широкопојасен интернет, повеќе јавни информации и услуги во електронска форма, поголема безбедност на интернет, пред сè за децата итн. Освен тоа, воведувањето на бројот 112 ќе значи еден јасен и бесплатен контакт за сите итни случаи, што во многу тешки ситуации и несреќи може да ја намали конфузијата, да заштеди време и да спаси човечки животи, како за македонските граѓани така и за оние кои патуваат во нашата земја[1].


[1] Според проценките на ЕК, воведувањето на бројот 112 може да го забрза одговорот на службите за итни случаи до 40% во урбаните и до 50% во руралните средини.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top