Улогата на ЕУ институциите

Европската комисија и земјите членки преку билатерални состаноци го оценуваат степенот на подготовка на земјата кандидат, при што ги идентификуваат потенцијалните проблематични аспекти и ги осознааваат идните планови на земјата по области, особено во однос на најактуелните прашања (билатерален скрининг)[1].

Врз основа на скринингот, ЕК подготвува извештај кој содржи: објаснување на европското аки во поглавјето; резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидат и проценка на Комисијата; заклучоци и препораки на Комисијата. Во последниот дел ЕК му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето и доколку не – кои почетни одредници да се постават. Откако Советот на министри на ЕУ, односно земјите членки ќе го одобрат извештајот на ЕК за скринингот и ќе се констатира исполнување на почетните одредници за поглавјата, се пристапува кон отворање на одделни поглавја на Меѓувладина конференција.

Со Меѓувладината конференција претседава државата членка што го има претседателството со ЕУ. Вообичаено Конференцијата се одржува најмалку два пати годишно на ниво на претседатели на делегации. Посуштествените и потехничките преговори се одвиваат на пониско ниво – на заменици претседатели на делегација и работни групи од страна на земјата кандидат, односно на ниво на постојаните претставници на државите членки (COREPER) или работната група за проширување во Советот за ЕУ (COELA).

По одлуката за отворање на одредено поглавје, земјата кандидат ќе треба да подготви и усвои преговарачка позиција и да ја достави до ЕК, која ја анализира, подготвува нацрт преговарачка позиција за ЕУ и ја доставува до државите членки.

Кога ќе се усвои преговарачката позиција на ЕУ, се доставува до земјата канидат, често проследена со дополнителни прашања. Ваквата поставеност и методологија на преговорите укажува дека државата кандидат всушност преговара со сите држави членки, додека ЕК се јавува во функција на фасилитатор. Двонасочната комуникација која се состои од ажурирање на преговарачките позиции на двете страни продолжува паралелно со усогласувањето и транспозицијата на законодавството, прифаќање или отфрлање на евентуални барања на државата кандидат за привремени отстапки, сè до постигнувањето договор за привремено затворање на поглавјето.

Одделни поглавја се затвораат кога ќе бидат исполнети завршните одредници што ќе ги постави ЕУ, односно кога секоја од земјите членки ќе биде задоволна од напредокот што земјата кандидат го постигнала во поглавјето што се преговара. Во финалната фаза се преговара и учеството на земјата кандидат во институциите на ЕУ, како и финансискиот аранжман. Сепак, секое поглавје може да биде повторно отворено доколку ЕУ смета дека за тоа има потреба, односно конечното затворање на поглавјата се случува во моментот на потпишување на Договорот за пристапување. Договорот треба да биде ратификуван од страна на Европскиот парламент, Собранието на земјата кандидат и парламентите на сите држави членки според нивните национални процедури.


[1] На овие состаноци може да се наговести потребата за преодни периоди, но за тоа не се преговара.

Scroll to Top