Скрининг

Преговорите започнуваат со т.н. „скрининг“, односно детална анализа на моменталната состојба во земјата кандидат во однос на исполнувањето на критериумите за членство и степенот на усогласеност со европското аки во секое поглавје[1]. Неговата цел е од една страна да им ги претстави на државните институции обврските во однос на усогласување со европското аки што нè очекуваат во секое поглавје (објаснувачки скрининг), а од друга страна да им овозможи на Европската комисија и земјите членки преку билатерални состаноци да го оценат степенот на подготовка на РС Македонија, да ги идентификуваат потенцијалните проблематични аспекти и да ги осознаат идните планови на земјата по области, особено во однос на најактуелните прашања (билатерален скрининг)[2]. РС Македонија го заврши првиот, објаснувачки дел од скринингот во периодот јуни 2018 – декември 2019 година.

Врз основа на скринингот, ЕК подготвува извештај кој содржи: објаснување на европското аки во поглавјето; резултати од скринингот – информации дадени од државата кандидат и проценка на Комисијата; заклучоци и препораки на Комисијата. Во последниот дел ЕК му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето и доколку не – кои почетни одредници да се постават. Откако Советот на министри на ЕУ, односно земјите членки ќе го одобрат извештајот на ЕК за скринингот и ќе се констатира исполнување на почетните одредници за поглавјата, се пристапува кон отворање на одделни поглавја на Меѓувладина конференција.


[1] За поглавјата 34 „Институции” и 35 „Други прашања”, кои се предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување не се спроведува скрининг.

[2] На овие состаноци може да се наговести потребата за преодни периоди, но за тоа не се преговара.

Scroll to Top