Принципи и процедури на преговарачката рамка

Преговорите се одвиваат во рамки на 35 тематски поглавја на европското аки[1] кои ги покриваат речиси сите области на општественото живеење. Започнуваат со т.н. „скрининг“, односно детална анализа на моменталната состојба во земјата кандидат во однос на исполнувањето на критериумите за членство и степенот на усогласеност со европското аки во секое поглавје[2]. Неговата цел е од една страна да им ги претстави на државните институции обврските во однос на усогласување со европското аки што нè очекуваат во секое поглавје (објаснувачки скрининг), а од друга страна да им овозможи на Европската комисија и земјите членки преку билатерални состаноци да го оценат степенот на подготовка на РС Македонија, да ги идентификуваат потенцијалните проблематични аспекти и да ги осознаат идните планови на земјата по области, особено во однос на најактуелните прашања (билатерален скрининг)[3]. РС Македонија го заврши првиот, објаснувачки дел од скринингот во периодот јуни 2018 – декември 2019 година.

Врз основа на скринингот, ЕК подготвува извештај кој содржи: објаснување на европското аки во поглавјето; резултати од скринингот – информации дадени од државата кандидат и проценка на Комисијата; заклучоци и препораки на Комисијата. Во последниот дел ЕК му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето и доколку не – кои почетни одредници да се постават. Откако Советот на министри на ЕУ, односно земјите членки ќе го одобрат извештајот на ЕК за скринингот и ќе се констатира исполнување на почетните одредници за поглавјата, се пристапува кон отворање на одделни поглавја на Меѓувладина конференција.

Со Меѓувладината конференција претседава државата членка што го има претседателството со ЕУ. Вообичаено Конференцијата се одржува најмалку два пати годишно на ниво на претседатели на делегации. Посуштествените и потехничките преговори се одвиваат на пониско ниво – на заменици претседатели на делегација и работни групи од страна на РС Македонија, односно на ниво на постојаните претставници на државите членки (COREPER) или работната група за проширување во Советот за ЕУ (COELA).

По одлуката за отворање на одредено поглавје, РС Македонија ќе треба да подготви и усвои преговарачка позиција и да ја достави до ЕК, која ја анализира, подготвува нацрт преговарачка позиција за ЕУ и ја доставува до државите членки. Преговарачката позиција треба да се состои од:

  • опис на актуелната состојба во рамки на поглавјето, односно начинот на кој специфичните аспекти на тоа поглавје се уредени со правната рамка кај нас;
  • обврските кои ги преземаме за усогласување со европското аки, со конкретни рокови за секоја ЕУ мерка што се транспонира, како и националните прописи кои ќе бидат донесени или изменети за усогласување;
  • институции кои ќе бидат задолжени за усвојување и спроведување на новите законски или подзаконски акти, како и нивната опременост во однос на човечки ресурси;
  • фискалните импликации и изворот на финансирање;
  • проценка за текот на усогласувањето, антиципирање на потенцијални спорни моменти и наговестување на потребата од евентуални преодни периоди и привремени отстапки.

Кога ќе се усвои преговарачката позиција на ЕУ, се доставува до РС Македонија, често проследена со дополнителни прашања. Ваквата поставеност и методологија на преговорите укажува дека државата кандидат всушност преговара со сите држави членки, додека ЕК се јавува во функција на фасилитатор. Двонасочната комуникација која се состои од ажурирање на преговарачките позиции на двете страни продолжува паралелно со усогласувањето и транспозицијата на законодавството, прифаќање или отфрлање на евентуални барања на РС Македонија за привремени отстапки, сè до постигнувањето договор за привремено затворање на поглавјето.

Одделни поглавја се затвораат кога ќе бидат исполнети завршните одредници што ќе ги постави ЕУ, односно кога секоја од земјите членки ќе биде задоволна од напредокот што земјата кандидат го постигнала во поглавјето што се преговара. Во финалната фаза се преговара и учеството на РС Македонија во институциите на ЕУ, како и финансискиот аранжман. Сепак, секое поглавје може да биде повторно отворено доколку ЕУ смета дека за тоа има потреба, односно конечното затворање на поглавјата се случува во моментот на потпишување на Договорот за пристапување. Договорот треба да биде ратификуван од страна на Европскиот парламент, Собранието на РС Македонија и парламентите на сите држави членки според нивните национални процедури.


[1] European Commission, Chapters of the acquis, 2019. https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/policy/conditions-membership/chapters-of-the-acquis_en

[2] За поглавјата 34 „Институции” и 35 „Други прашања”, кои се предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување не се спроведува скрининг.

[3] На овие состаноци може да се наговести потребата за преодни периоди, но за тоа не се преговара.

Scroll to Top