Одредници (benchmarks)

Воспоставувањето одредници (benchmarks) како своевидно зајакнување на политиката на условеност на ЕУ за прв пат е применето при преговорите со Хрватска и Турција, како резултат на „научените лекции“ од проширувањето со Бугарија и Романија. Одредниците се мерливи и се поврзани со клучни елементи на поглавјето кои е неопходно да се исполнат во текот на преговорите. Се поставуваат почетни, средишни и завршни одредници. Почетните се поврзани со неопходните услови што треба да се исполнат за да започнат преговорите по тоа поглавје. Средишните обезбедуваат преглед на она што претстои во преговорите и се особено значајни за потешките поглавја, како и оние што се преговараат подолго, на пример 23 и 24. Одредниците за затворање на поглавје се однесуваат на имплементацијата на европското аки и јасно укажуваат дека не е доволно само формално да се усогласи законодавството, туку неопходно е и да се покаже негова доследна примена од страна на националните институции. Доколку државата кандидат престане да исполнува почетна одредница за поглавје за кое веќе се водат преговори, Комисијата може да предложи да се суспендираат преговорите за тоа поглавје. Ако државата кандидат престане да ги исполнува одредниците за поглавје кое е веќе прелиминарно затворено, Комисијата може да предложи преговорите за тоа поглавје повторно да се отворат. Можно е и ажурирање на одредниците, со цел да се внесат нови елементи на аки.

Scroll to Top