Компаративни искуства

Пристапните преговори немаат определено времетраење, односно зависат од подготвеноста на земјата кандидат и објективната исполнетост на критериумите за членство, но и од подготвеноста на ЕУ, односно политичката воља на земјите членки да одобрат пристапување на нови држави. Според Стратегијата за проширување на Европската комисија објавена во февруари 2018 година, пристапниот процес е сложен и долгорочен, зачленувањето се заснова на воспоставени објективни критериуми, фер и строга условеност и секоја земја кандидат ќе биде оценувана врз основа на сопствените заслуги во спроведувањето на неопходните реформи[1].

Словенија, првата поранешна југословенска република што стана членка на ЕУ, уште во 1989 година усвои стратегија наречена „Европа 1992“ со која започна да се подготвува за новите односи со ЕУ. Благодарение на нејзиното визионерско политичко раководство, добро осмислените економски политики и натпартискиот консензус, успеа за релативно кратко време да го заврши пристапниот процес и да стане членка во 2004, во исто време со формално понапредните земји од Централна Европа.

За разлика од Словенија, Бугарија и Романија не успеаја да ги спроведат реформите навреме за да станат дел од ЕУ со останатите земји од Централна и Источна Европа во 2004 година и нивното пристапување беше одложено за 2007 година. Дури и во моментот на потпишување на Договорот за пристапување на Бугарија во 2005 година, беше оценето дека “судските структури и структурите за спроведување на законот го немаат потребниот капацитет за да ги спроведат и применат мерките за воспоставување на внатрешниот пазар и зоната на слобода, безбедност и правда[2]. Поради тоа, три заштитни клаузули беа внесени во договорот со кој им се овозможи на Комисијата и земјите членки да преземаат заштитни мерки во период од три години по бугарското пристапување, за да ги заштитат националните економии и интересите на ЕУ.

Освен тоа, во 2006 година беше воспоставен Механизмот за соработка и верификација за Бугарија и Романија со цел мерење на напредокот на земјите во области поврзани со владеење на правото – демократија, независно судство, борба против корупција и организиран криминал. Шест одредници беа поставени за Бугарија и четири за Романија како услов за излегување од Механизмот, што е истовремено и предуслов за земјите да станат дел од Шенген зоната. Заклучно со последниот извештај во октомври 2019 година[3], Комисијата оценува дека двете земји сè уште не оствариле доволен напредок за да излезат од Механизмот.

Пристапувањето на Хрватска во 2013 година се смета за успешна приказна, имајќи предвид дека земјата во помалку од 20 години се опорави од војна и ги заврши сите неопходни политички и економски реформи за членство. Преговорите формално траеја 6 години (2005-2011), подолго од очекуваното поради билатералниот спор со Словенија и условеноста земјата да соработува со Хашкиот трибунал.

Од земјите во фаза на преговори, Црна Гора во релативно краток период по независноста (2005) успеа да потпише ССА (во 2007, стапи во сила од 2010), да добие кандидатски статус (2010) и да отпочне преговори за членство (2012). Во моментов има отворено 32 поглавја и привремено затворено 3. Србија, која склучи ССА во 2008 година (во сила од 2013) доби кандидатски статус во 2012 и преговара од јануари 2014 година, досега има отворено 18, а привремено затворено 2 поглавја.


[1] European Commission, A credible enlargement perspective for and enhanced EU engagement with the Western Balkans, 2018. https://ec.europa.eu/commission/sites/beta-political/files/communication-credible-enlargement-perspective-western-balkans_en.pdf

[2] Markov, D., The Cooperation and Verification Mechanism Three Years Later: What Has Been Done and What Is Yet To Come, Bulgaria Reports, 1/2010, Friedrich Ebert Stiftung

[3] European Commission, Cooperation and Verification Mechanism Reports on Bulgaria and Romania, 10/2019. https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/QANDA_19_6137

Scroll to Top