LOADING

Type to search

ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес

ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес Работни програми

ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес

Share

Европската интеграција и идејата дека државата ќе стане членка на ЕУ остануваат двигател на реформските процеси и најдобра гаранција за стабилноста на државите на Западниот Балкан. Сепак, и покрај напредокот во генералната политичка клима, поставторитарна Северна Македонија се соочува со структурни недостатоци во клучни области поврзани со владеењето на правото и економијата, а демократската консолидација останува ранлива на внатрешни (можност за повторно заробување на системот од страна на политичките елити) и надворешни (меката моќ на недемократските актери) негативни влијанија. Сето тоа може да ја намали вербата на граѓаните во трансформативниот потенцијал на пристапувањето во ЕУ, намалувајќи ја поддршката за реформи и зголемувајќи ја привлечноста на алтернативни развојни модели.

ЕВРОТИНК во пристапниот процес, односно во таканаречената европска рамка гледа како на најдобра алатка за заштита на јавниот интерес. За ЕВРОТИНК, Европската Унија е внатрешна политика. Во изминатата деценија организацијата се специјализира во набљудување институции, регулатори и политики, кои се релевантни за заштита на јавниот интерес и пристапувањето на РСМ во ЕУ. Во изминатите неколку години, организацијата работеше и на демитологизација на процесот на пристапување и негово приближување кон граѓаните, вклучително и преку употреба на дигитална комуникација.

Во наредните четири години ЕВРОТИНК ќе продолжи како доминантен пристап во работењето да ја применува уникатната комбинација на набљудување (watch dog) и информирање на граѓаните со цел зголемување на јавниот притисок за реформи. Работата на регулаторните тела АВМУ и АЕК, која има допирни точки со Поглавјето 10,
политичките критериуми и европската Дигитална агенда, ќе остане во нашиот интерес, а ќе ја испитуваме и можноста да ја набљудуваме и работата на други регулаторни и надзорни тела. ЕВРОТИНК ќе продолжи да ги поддржува и европските иницијативи, кои имаат цел либералната демократија да ја направат поотпорна на современите предизвици како ширење дезинформации, вклучително и преку промоција на медиумската писменост и вештините за критичко мислење кај младите, како што тоа го правиме во рамките на проектот „КриТинк“ како и преку членството во Мрежата за медиумска писменост.

Во следните четири години, ЕВРОТИНК ќе гради сопствени капацитети и на поструктуриран начин ќе се занимава и со поглавјата што имаат допирни точки со владеењето на правото и економските критериуми, а со кои организацијата се има занимавано и досега, како: Јавни набавки (Поглавје 5), Политика за заштита на конкуренцијата (Поглавје 8), Правосудство и темелни права (Поглавје 23), Надворешна безбедносна и одбранбена политика (Поглавје 31) и Финансиска контрола (Поглавје 32).