LOADING

Type to search

Правда, слобода и безбедност

Правда, слобода и безбедност Работни програми

Правда, слобода и безбедност

Share

Во согласност со Fundamentals first пристапот на Европската комисија, поглавјата 23 и 24 се првите што се отвораат и последните што се затвараат во пристапните преговори. Голем дел од граѓанските организации своите активности ги насочуваат на Поглавјето 23 (Правосудство и темелни права), што е препознаено и од донаторите. И покрај својата обемност и значење, како и очигледните проблеми што државата ги има во оваа област на политики, Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност), пак, останува надвор од фокусот на актерите, поради непостоењето на капацитети, ограничената донаторска поддршка, недоволната вмреженост, ниската транспарентност на безбедносните институции и незадоволителната информираност на организациите. Во изминатиот период ЕВРОТИНК работеше на адресирање на овие недостатоци развивајќи сопствено портфолио и капацитети за работа во поглавјето. Организацијата учествуваше, со два претставника, во работните групи задолжени за создавање на пакетот закони за реформа на безбедносно-разузнавачката заедница. ЕВРОТИНК, во соработка со партнери од Србија и Црна Гора, работи на компаративна регионална анализа на улогата на безбедносните служби во заробувањето на државите од регионот. Организацијата учествува во голем европски конзорциум кој работи на спроведување на Хоризонт 2020 проект поврзан со миграциите. Во рамките на Платформата за структурен дијалог, пак, ЕВРОТИНК ја набљудува работата на Секторската работна група за внатрешни работи. Организацијата е и одлично вмрежена со клучните организации и поединци кои важат за авторитети за растот и сузбивањето на насилниот екстремизам. Во истражувањето Еврометар инкорпорирани се прашања што се однесуваат на безбедноста. Истовремено, ЕВРОТИНК ги следи процесот и придобивките од пристапувањето на земјата во НАТО, особено аспектите што се комплементарни со процесот на пристапување во ЕУ. Во наредните години, ЕВРОТИНК поструктурирано и пофокусирано ќе се занимава со овие прашања преку развој на програмата „Безбедност, правда и внатрешни работи“. ЕВРОТИНК ќе се залага за транспарентен и отчетен безбедносен сектор, кој ќе биде способен на ефикасен и ефективен начин да се справи со современите безбедносни закани. Поконкретно, во рамките на оваа програма, активностите ќе бидат насочувани кон следниве области: 1) Добро управување во безбедносниот сектор преку промоција на транспарентни и отчетни институции, кои подлежат на силен демократски надзор и контрола; 2) Јавна безбедност, борба против организиран криминал и корупција; 3) Справување и превенција на закани, предизвици, ранливости и ризици по националната безбедност (како тероризам, насилен екстремизам, сајбер-закани, надворешни хибридни закани итн.); 4) Меѓународна безбедност; 5) Миграции, азил и слобода на движење.