За програмата

Регионална интеграција

Оваа програма ги опфаќа 1) хармонизацијатa на билатералните односи на државата со соседните држави членки на ЕУ, 2) учествотo во и промоција на инструментите за продлабочување на регионалната соработка, кои се комплементарни со процесот на проширување како Берлинскиот процес, иницијативата за создавање Регионална економска област и 3) Билатерална и мултилатерална политичка, економска, безбедносна и друг вид соработка меѓу земјите од Балканот и Југоисточна Европа. Во изминатите две години, РСМ успеа значително да ги подобри билатералните односи со соседните држави преку потпишување договори за добрососедство со Бугарија и Грција. Имплементацијата на договорите неминовно стана влогот на државата во надежта за одблокирање на евроинтеграциите и членството во НАТО. Со тоа, имплементацијата на договорите е дел од политиката на условеност и процесот на пристапување. Во изминатите години, ЕВРОТИНК работеше на хармонизацијата на односите со Грција и Бугарија поддржувајќи го Преспанскиот договор како влог за стабилизацијата на регионот. Во претстојниот период, ЕВРОТИНК одблизу ќе ја следи имплементацијата на Преспанскиот договор и ќе покренува и поддржува иницијативи за зголемена соработка и доверба меѓу актерите од РСМ и Грција и преку Програмата Симфонија. Една од главните активности ќе биде вмрежувањето со актери од Грција и Бугарија и создавање платформа за заедничко застапување за одблокирање на европските интеграции пред колебливите влади од Западна Европа. Во услови на замор од проширувањето, зголемена колебливост на западноевропската јавност кон Западниот Балкан и демократско назадување во некои од државите што се во процес на пристапни преговори, во изминатите години државите членки покренаа низа иницијативи како Берлинскиот процес. ЕВРОТИНК ќе продолжи да работи на поддршка на сите овие иницијативи, вклучително и преку организирање регионални форуми на граѓанското општество, вмрежување, истражувања и заедничко лобирање со партнери од регионот.

Мисијата на ЕвроТинк

ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии е невладино, непартиско, непрофитно и секуларно здружение на граѓани, кое го поддржува пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и европеизацијата на општеството преку истражувања и развој на јавни политики засновани на докази, професионална обука и советување, регионална соработка и застапување за промени.

Визијата на Евротинк

Визијата на ЕВРОТИНК е Република Северна Македонија да биде развиено, демократско и либерално општество, кое се темели врз начелата на правда, еднаквост, слобода и благосостојба. Процесот на пристапување на Републиката кон ЕУ го гледаме како најдобриот инструмент за остварување на нашата визија.

Scroll to Top