За програмата

Пристапување кон ЕУ

Програмата „Процес на пристапување во Европската Унија“ покрива активности што претставуваат уникатна комбинација на клучните традиционални продукти на организацијата со иновативни алатки. Оваа програма го претставува јадрото на активностите што организацијата ја направија препознатлива во изминатата деценија. Како клучна иновација, од октомври 2019 година ЕВРОТИНК ќе пушти во употреба и одржува специјализирана интернет-страница, eu.mk/ЕuropeanUnion.mk, која ќе претставува: 1) Дигитален водич за процесот на пристапување каде што на едноставен јазик ќе биде објаснет комплексниот процес на пристапување во ЕУ и неговите придобивки; 2) Репозитар за онлајн-ресурси поврзани со пристапувањето; 3) Платформа на која на редовна основа ќе се креираат и репродуцираат едукативно-информативни содржини поврзани со пристапувањето. Овој продукт ќе биде главната оска и комуникациски канал на кои ќе се слеваат сите содржини произведени од организацијата. Во периодот опфатен со стратегијата, ЕВРОТИНК ќе ги следи пристапните преговори (доколку истите почнат) и ќе дава свои оценки и предлози за подобрување на преговарачката структура, преговарачките позиции како и административно-институционалните капацитети на државата за пристапување во ЕУ. Преку традиционалниот продукт, Компаративната анализа на извештаите за напредокот, ЕВРОТИНК ќе продолжи да го оценува напредокот на РСМ во пристапниот процес, при што должно внимание ќе биде посветено на анализа на запоставената Национална програма за усвојување на европското законодавство. ЕВРОТИНК ќе продолжи одблизу да ги следи програмирањето и апсорпцијата на ИПАфондовите, како и учеството на ентитетите од РСМ во Програмите на Унијата, вклучително и преку следење на работата на Секторските работни групи и дисеминација на информации кон граѓаните и граѓанските организации преку нашите комуникациски канали. Истражувањето „Еврометар“ ќе остане клучен истражувачки продукт на организацијата во следните 4 години, при што ЕВРОТИНК ќе спроведува барем една анкета годишно, која ќе резултира со неколку истражувачки продукти. Во овој период, организацијата ќе вложи во подобро претставување и дигитализација на завидните бази на податоци создадени во изминатите шест години. ЕВРОТИНК ќе продолжи да работи и на Дневникот за пристапување (Accession Log), кој претставува алатка за анализа на јавните политики што се издава на редовна основа (барем четири записи во годината). Ќе продолжи и организацијата на Chatham House настаните EuroTalk и тоа барем четири секоја година.

Мисијата на ЕвроТинк

ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии е невладино, непартиско, непрофитно и секуларно здружение на граѓани, кое го поддржува пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и европеизацијата на општеството преку истражувања и развој на јавни политики засновани на докази, професионална обука и советување, регионална соработка и застапување за промени.

Визијата на Евротинк

Визијата на ЕВРОТИНК е Република Северна Македонија да биде развиено, демократско и либерално општество, кое се темели врз начелата на правда, еднаквост, слобода и благосостојба. Процесот на пристапување на Републиката кон ЕУ го гледаме како најдобриот инструмент за остварување на нашата визија.

Scroll to Top