Зошто реформата на безбедносните служби треба да биде дел од пристапните преговори со ЕУ

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest

На 4 јуни 2016 год. во Белград се одржа настанот „Зошто реформата на безбедносните служби треба да биде дел од пристапните преговори со ЕУ”организиран од страна на Белградскиот центар за безбедносна политика БЦСП.

На настанот се разговараше за ризиците од злоупотреба на безбедносните служби во регионот и улогата која треба да ја има Европската Унија во однос на реформата во овој сектор.

Најдрастичниот пример на злоупотреба на безбедносните служби е скандалот со прислушкувањето од 2015 год. кога илјадници граѓани беа незаконски следени од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање.  За време на настанот, Магдалена Лембовска објасни дека граѓанските организации во Северна Македонија со години укажуваа на проблематичните аспекти при управувањето со безбедносните служби.

„Поради оскудното законодавство, не беше јасно кои се надлежностите на секоја од службите што значително оневозможи да се следи нивната работа. Немаше никакви информации за нивното функционирање, надзорот и контролата. Иако имаше одредени обиди за парламетарен надзор, службите секогаш успеваа да ги попречат овие обиди кои и така беа многу ретки. Во меѓувреме, буџетот на УБК беше зголемен без притоа да се дадат соодветни објаснувања.” – рече Лембовска.

Понатаму, Лембовска зборуваше и за важноста на Извештајот на Групата високи експерти за системските прашања за владеење на правото (т.н. Извештај на Прибе) и неговото влијание за чинителите да преземат чекори за обезбедување на отчетност во овој сектор. Истовремено, беа претставени и тековните состојби за реформата на службите, при што беше истакнато дека реформата треба да биде суштинска и сеопфатна.

Колегите од Србија и Црна Гора ги претставија предизвиците за добро управување со безбедносниот сектор во нивните земји.

Извршниот директор на БЦСП Предраг Петровиќ преку конкретни примери укажа на лошиот тренд на политизација на безбедносниот сектор во Србија. Тој истакна дека за време на преговорите со ЕУ треба да се обрне посебно внимание на реформата во безбедносните служби, бидејќи без таквата реформа не може да има напредок во владеењето на правото.

Дина Бајрамспахиќ од Институтот Алтернатива укажа на ниската транспарентност на безбедносниот сектор во Црна Гора. 

Процесот на пристапување во НАТО значеше и реформа на безбедносниот сектор, па работењето на овие служби веќе не е предмет на дискусија. Сепак, за НАТО е најважна безбедната размена на податоци, додека транспарентноста и отчетноста кои ги интересираат граѓаните не беа опфатени. 

„Ние сме свесни дека граѓанскиот сектор не треба да се занимава со деталите во работењето на овие агенции, но сакаме да се увериме дека тоа го прават институциите кои се воспоставени со таква цел, како што е парламентарната комисија за надзор и Народниот правобранител.” – појасни Бајрамспахиќ.

Панелистите заклучија дека е неопходна ефикасна демократска контрола над безбедносните служби со цел да почне да се гради доверба во овој сектор.

Настанот беше поддржан од Европскиот фонд за Балканот во рамките на проектот „Кој ги следи оние кои не следат: кон отчетни безбедносни служби во Западен Балкан” кои заеднички го спроведуваат Белградскиот центар за безбедносна политика од Србија, Центарот за европски стратегии – ЕВРОТИНК од Северна Македонија и Институтот Алтернатива од Црна Гора.

Визијата на ЕвроТинк

Визијата на ЕвроТинк е Република Северна Македонија да биде развиено, демократско и либерално општество, кое се темели врз начелата на правда, еднаквост, слобода и благосостојба. Процесот на пристапување на Републиката кон ЕУ го гледаме како најдобриот инструмент за остварување на оваа визија.

Поврзани содржини

Ние на Facebook

Некои од нашите видеа