На 31 јануари 2015 година, во Македонија започна нова, најтешка фаза од најдлабоката политичка криза со која државата се соочила во изминатите, речиси, 24 години независност и самостојност. Овој коментар на Македонскиот центар за европско образование доаѓа во моменти кога третата рунда разговори меѓу власта и опозицијата (четирите најголеми политички партии во Македонија) под покровителство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан не дава резултати. Единствениот трофеј на досегашниот преговарачки процес е заеднички утврдениот термин за евентуални предвремени парламентарни избори во април 2016 година, но дури и овој успех е условен со формирање на преодна влада која ќе ги организира изборите за да можат да бидат фер, слободни и прифатени од сите учесници во процесот. Бидејќи цениме дека преговарачкиот процес не дава соодветни резултати, ниту пак е принципелно поставен согласно европските вредности во овој документ ќе анализираме неколку прашања клучни за доаѓање до праведно решение.